07 Апр

Градежништво

Во развојот на македонската економија, градежништвото има значајна улога. Од градежништвото како носечка гранка зависат многу други економски гранки.

Државниот завод за статистика спроведува месечни, квартални, полугодишни и годишни истражувања со кои се следат градежните активности во државата, како и во странство, и од нив подготвува краткорочни показатели, соопштенија и публикации што наоѓаат широка примена кај корисниците.

Варијаблите и дефинициите се хармонизирани со дефинициите на ЕВРОСТАТ, а краткорочните показатели редовно се доставуваат до ЕВРОСТАТ.

Распределувањето на градежните објекти и градежните работи е направено според Номенклатурата на градежни објекти и градежни работи, имплементирана во 1999 година и таа е хармонизирана со Класификацијата на видовите градежни објекти (Classifiсation of types of constructions - СС) и со Класификацијата на производи според активноста (Classifiсation of Рrоducts by activity - СРА), издадени од ЕВРОСТАТ.

Опфатот на градежната дејност е во согласност со областа Ф Градежништво во Националната класификација на дејности од 2009 година - НКД Рев.2.

Со Месечниот извештај за градежништво Град 21 се опфаќаат најголемите деловни субјекти во Република Македонија што се занимаваат со градежна дејност, како и деловните субјекти што според НКД не се класификувани во градежна дејност, но извршуваат работи од поголем градежен обем. Ваквиот опфат покрива 90% од вкупната вредност на извршените градежни работи во Република Македонија.

Со податоците добиени од ова месечно истражување се пресметуваат индексите на извршените и договорените градежни работи, по видови градба.

Со Месечниот извештај за издадени одобренија за градење и со Месечниот извештај за издадени одобренија за употреба се следи:

1. Динамиката на градежната дејност по видови градба и објекти,

2. Предвидувањето на идните активности и структурата на инвестициите, како на ниво на држава, така и на ниво на локалната самоуправа во градежниот сектор,

3. Почеток и завршување на сите градежни активности на објектот, односно времетраењето на градбата.

Податоците за издадените одобренија за градење и употреба се по видови на градба (високоградба и нискоградба, или реконструкција на објектите), вредност и локација на објектот, вид на инвеститорот, број и површина на становите и нив ги доставуваат надлежните служби од областа на урбанизмот при единиците на локалната самоуправа.

Со полугодишниот извештај за цени на становите се добиваат краткорочни показатели за индексот на цените на станови за кои е договорена изградба од страна на деловните субјекти што се занимаваат со градежна дејност.

Со кварталното истражување за извршени градежни работи во странство се добиваат подтоци за извршените градежни активности во странство од страна на деловните субјекти од државава.

Со годишните истражувања се добиваат податоци за извршените градежни работи по видови градба на годишно ниво, бројот на завршените станови и нивна површина, бројот на бесправно изградени објекти и бројот на урнати објекти според податоците на надлежните служби од областа на урбанизмот, количеството и вредноста на потрошениот градежен материјал од страна на деловните субјекти што се занимаваат со градежна дејност и сл.

Last modified on Недела, 07 Април 2019 09:25